Дваесет и осум годишен жител од струшкото село Велешта е осомничен за производство и дистрибуција на порнографски материјал, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, полицијата поднела кривична пријава против И.Ј.(28) од селото Велешта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Тој, користејќи апликации за комуникација, на повеќе социјални мрежи се зачленувал во групи, во кои ширел содржина со детска порнографија. Потоа, ги споделувал во други групни и лични профили со кои разменувале линкови од групи со таква и слична содржина, изјави портпаролот Стефан Димоски.
Полициски службеници, како што појасни, направиле претрес во неговиот дом во Велешта, при што биле пронајдени експлицитни фотографии, кои биле одземени.