Утре е Петровден, голем православен празник што се одбележува секоја година на 12 јули. Празникот е посветен на Апостол Петар. Сe смета за еден од најголемите празници по Велигден. Именден празнуваат сите кои го носат неговото име: Петар, Петре, Петра…
Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.
Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија. Еден од најзначајните настани на Петровден е токму почетокот на традиционалната Галичка свадба.
Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира. Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место. Во сиве овие верувања, како што може да се види присутна е имитативната магија верувањето дека сличното предизвикува слично.
Во Гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да бидат цела година благи како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во Петровденските пости ќе се скрастави. Во овој крај ако било сушно времето на овој ден носеле крсти (литии) и со песната „Крсти носам бога молам” се молеле за дожд.
Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими. Сек’де заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Ов’ј чоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре? -Ами Павле је болен рекол, та му го коп’м гробот. – Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт”.
Првоврховен Апостол Симон Петар
* Син Јонин, брат на Андреј Првоповиканиот, од племето Симеоново, од градот Витсаида. Беше рибар и прво се викаше Симон, но Господ благоизволи да го нарекува Кифа или Петар (Јован 1, 42). Прв од учениците јасно ја изрази верата во Господ Исус, велејќи: „Ти Си Христос, Синна Живиот Бог“ (Матеј, 16, 16). Љубовта кон Господ му беше голема, а во верата се утврдуваше постапно. Кога Го изведоа Господна суд, Петар трипатисе одрече од Него, но само еден поглед на лицето Господово го исполни со срам и покајание. По слегувањето на Светиот Дух стана бестрашен и снажен проповедник на Евангелието. После една негова беседа во Јерусалим се обратија околу три илјади души. Го проповедаше Евангелието ширум Палестина и Мала Азија, Илирик и Италија. Вршеше големи чуда: лечеше болни, воскреснуваше мртви, дури и од неговата сенка се исцелуваа болните. Имаше голема борба со Симон Волхот, којшто се прикажуваше за бог, а всушност беше слуга сатанин. Најпосле го посрами и го победи. На заповед на свирепиот цар Нерон, којшто беше пријател на оној Симон, Петар беше осуден на смрт. Откако го постави Лин за епископ на Рим и го посоветува и утеши стадото Христово, Петар радосно појде да прими смрт. Кога виде пред себе крст, ги замоли џелатите да го распнат главечки, бидејќи се сметаше себеси за недостоен да умре како неговиот Господ. Така се упокои и прими венец на вечна слава великиот слуга на великиот Господ.