Во здравството треба хартијата да се тргне и да се оди сè повеќе кон електронско здравство. Ние бараме од надлежните, на пример, да можеме да искреираме упат кој нема да мора да се печати. Мора да се поедностават работите и за лекарите и за пациентите.
Ова за Мета го вели Лилија Чолакова Дервишова од Здружението на приватни лекари. Таа ова му го предочила на директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
„Лекарите ќе бидат поефикасни ако се намали бирократијата која во моментов е обемна. Министерството за здравство и Фондот се институции кои нам ни се многу битни. На состанокот зборувавме за тоа дека многу млади лекари си заминуваат од државата, па тие како надлежни да најдат начин како да се сочуваат проватните здравствени установи и да продолжат да пружаат услуги за пациентите. Побаравме од нив да се покачи капитацискиот бод, кој сега изнесува 75 денари по пациент. Трето, потребно е пациентите да не се препраќаат до специјалисти за нови препораки. На пример, пациент кој има ампутиран орган, нема зошто наново да оди да бара препораки, кога истата ќе му биде дадена“, вели Чолакова Дервишова.
Освен тоа додава таа, ако некој пациент, на пример, има проблем со тироидната жлезда, лековите кои ги зема се истите и нема потреба повторно да оди на специјалист да му бидат препушувани наново.
„Не треба да ги мачиме пациентите. Во таков случај без потреба се фактурира преглед, се прави гужва, зе малтретира пациентот“, додава Чолакова Дервишова.
Во соопштението што го испратија во ФЗО, пишува дека приватните здравствени установи (ПЗУ) се носечки столб на примарното здравство и тие се првиот контакт на граѓаните со лекарите.
„Плановите на Фондот за здравствено осигурување е значајно да го подигне степенот на дигитализација и со тоа драстично да се намали бирократијата, а во исто време да се постигне побрз проток на информации помеѓу институциите во здравствениот систем. Дигитализацијата ќе ја намали и можноста за злоупотреби, а во исто време ќе ја подобри услугата на пациентите“, велат оттаму.
Лекарите имаат наталожени проблеми како што се барања за уредување на односите ПЗУ и матични доктори, зголемување на капитацијата, како и измени во казнени политики и казни изразени во проценти од плата.
„Како вонредна мерка Здружението на приватни лекари побара за време на екстремните температури хроничните пациенти да не се препраќаат до специјалисти за нови препораки, туку да важат старите. За ова барање веднаш е информирано Министерството за здравство“, велат во ФЗО.