Превентивно е затворена сендвичарница во скопската населба Аеродром поради сомнеж за труење со храна кај девет лица, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Оттаму велат дека откако добиле известување од скопскиот Центар за јавно здравје за девет случаи кај кои постои сомнеж за труење со храна, инспекциските служби извршиле вонреден инспекциски надзор на сендвичарницата.
„Од пријавените девет случаи, кај пет лица лабораториски е потврден наод на салмонела, три лица се со гастроентероколитис и едно лице е со труење со храна“ велат од АХВ.
При контрола, според Агенцијата, констатирана е задоволително санитарно-хигиенска состојба во објектот.
„Сосовите со мајонез и кечап, како и плескавици и пилешки стек се од сопствено производство кои се доставуваат до објектот со соодветно возило за транспорт. Редовно се воделе и записи за добра хигиенска и производствена пракса. Вработените лица биле со уредни санитарни книшки“ информираат од агенцијата.
Со цел да се утврди причинителот на инфекциите кај пријавените случаи со симптоми на труење, од Агенцијата велат дека се земени пет мостри од храна, како од мајонез, кечап, стек, плескавица и марула, четири бриса од работни површини и опрема, како и три бриса од вработените лица.
„Издадено е решение за забрана за подготовка и послужување храна се до добивање негативните резултати, како превентива за можно ширење на заразата, спроведување вонредни санитарни прегледи, темелно механичко и хемиско чистење“,се вели во соопштението од оваа институција.
Оттаму информираат и дека во координирана акција и соработка со припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР), кај селото Мирковци, откриен е и спречен промет на свињи по потекло од Куманово, кои не се идентификувани согласно Законот за идентификација и регистрација и не се придружени со сертификат за здравствена состојба на животните.
„Нивниот промет се врши спротивно на член 58 од Законот за ветеринарно здравство и решението за заштитни и контролни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите. Животните се одземени, убиени и нештетно отстранети на товар на сопственикот на животните. Против сопственикот ќе биде поднесена соодветна прекршочна санкција“,велат од АХВ.