Од денеска до средината на следната недела на повеќе места во Македонија ќе има активно портокалово ниво за опасност од високи температури.
Исклучок ќе има в недела, кога, според синоптичарите, во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Поради топлото време, деновиве е зголемен бројот на интервенции при колапси на јавни места.
Надлежните институции реферираат дека топлото време не поштедува никого, колабираат и помлади и повозрасни граѓани.
Здравствените работници велат дека поради екстремните температури зголемен е и бројот на лица кои доживеале инфаркт.
Од Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните со себе задолжително да носат шише вода, да имаат на себе лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да доведе до дехидратација.