Последниве неколку месеци медиумите се преплавени со објави за појава на змии во урбаните средини, а според официјалните информации на ЦУК сезонава имаше и три каснувања од отровни змии кои завршија во болница, сепак надлежните само си ја префрлаат топката и никој не презема никакви мерки.
Од ЦУК информираа дека нема специјализирана служба за заловување и безбедно отстранување на змиите кои се појавија во Скопје, Град Скопје топката ја префрли на локалните власти, а тие пак молчат и не преземаат ништо за проблемот да биде решен.
Стручните лица во оваа област велат дека кога нема системско решение за одреден проблем топката секогаш се префрла од една институција на друга, но таквото префрлање не го решава прашањето, кој треба да ги фати змиите кои се појавуваат во урбаните средини. Велат треба да се преземат иницијативи од страна на сите засегнати институции на оваа тема и да се оформи служба која ќе биде надлежна за фаќање на змиите и нивно безбедно отстранување од урбаните средини, додавајќи дека за проблемот треба да се размислува пред почетокот на летната сезона и пред нивното излегување од хибернација.
– Ова се животни кои презимуваат со тоа што влегуваат во период на хибернација/змиски сон (од средина на Октомври па се до средината Март), институциите треба да го искористат овој период и да преземат конкретни чекори кон создавање на служба која ќе биде обучена за да делува во вакви случаи и со тоа ќе можат следната активна сезона на влекачите да ја дочекаат подготвени, истакна за 24Инфо Богољуб Стеријовски, независен експерт за водоземци и влекачи.
Стеријовски предлага системско решавање на проблемот, како и едукација на граѓаните преку медиумите и разбивање на митот за опасноста на змиите.
Според него системското решавање само по себе повлекува создавање на механизми кои ќе треба да делуваат во итни случаи, брзо, професионално и ефикасно, а пристапот содржи три аспекти: Создавање на Служба за заловување на змии ( создавање на Стандардни оперативни процедури за заловување на змии, создавање на Центар за депонирање на заловени змии), Создавање на капацитети за заловување на змии (создавање на водич за заловување на неотровни змии, создавање на водич за заловување на отровни змии, тренинг за заловување на неотровни змии и тренинг за заловување на отровни змии), како и стратегија за зголемување на нивото на свесност кај граѓаните за превенција од змии преку едукација и информирање.
Од ЦУК побараа помош од ветеринарите и друштвата кои се занимаваат со овој проблем, при заловување на змиите од урбаните средини и нивно безбедно отстранување, но експертите велат дека помош за решавање на предизвици со змиите можат да дадат само лица кои имаат теоретско и практично познавање од областа на херпетологијата/науката за влекачите, а такви за жал ги има само неколку во државава.
– Секогаш кога треба да отстраните змија прво што треба да сторите е да одредите за кој вид се работи. Пристапот на заловување на змии е различен за неотровни и отровни водови. Доколку немате познавање за видовите и не можете да направите моментално одредување на видот на лице место, можете да се ставите себеси и други во опасност, додава Богољуб.
Тој вели оваа година, од март месец наваму, лично имал 19 интервенции, од кои дури 13 се пред појавувањето на змиите на насловните страни во медиумите во период од март до мај.
На прашањето дали змиите кои ги гледаме во Скопје се отровни тој вели дека во период од 25 години колку што го работи ова, од вкупно 477 интервенции за заловување на змии на територијата на градот Скопје (во урбаните и руралните средини на градот) само во 7 случаи се заловени примероци од поскокот, како една од петте видови на отровни змии кај нас со најпотентен отров.
Поскокот како змија е јасно препознатлив по рогчето на врвот од муцката. Неговиот отров во себе во најголема мера содржи хемотоксин кои делува на крвта и крвните елементи и ги разлага ѕидовите на капиларите и крвните садови. Затоа по каснувањето на оваа змија се појавуваат отоци.
– Кај здрав човек во услови на каснување од отровна змија (поскок) има сосема доволно време да стигне до првиот поголем медицински центар и да добие соодветна помош, а притоа да нема последици по здравјето по каснувањето. Како ризични групи на граѓани се децата и постарите лица бидејќи механизмите на справување на организмот со таква интоксикација, кај децата не се доволно развиени и моќни, додека пак кај старите лица се ослабени. Исто така како посебна ризична група се луѓето кои би биле алергични на отровот на змијата, факт што никогаш однапред не би го знаеле, и во такви случаи реакцијата за барање на соодветна медицинска помош треба да биде брза, потенцира Стеријовски.
Совети за граѓаните при блиска средба со змија
Граѓаните секогаш кога ќе видат змија во природата да се обидат да ја заобиколат во широк круг. Кога излегуваме во природата доколку се движиме во места со високи треви, грмушки, камењари треба секогаш да имаме долги панталони и високи обувки.
Кога сакаме да седне некаде треба внимателно да се провери местото во случај да има присуство на некој влекач. Да се избегнуваат седнувања во близина на камењари, во високи треви.
Во дворовите и парковите треба тревните површини да бидат ниско искосени и да нема одлагање на кабаст материјал и шут. Ниската трева ги прави змиите видливи особено кон нивните предатори (како птици, ежови) и затоа ги избегнуваат овие површини. Шутот и кабастиот материјал кои се одложени во нашата близина (дворовите ) секогаш обезбедуваат доволно скривалишта за некој влекач привремено да се скрие.
Урбаните средини се „интересни“ за змиите само од аспект на храна односно сузбивањето на ситните глодари и глувци, стаорци треба да ни биде редовна пракса. Доколку змијата нема извор на храна тогаш таа нема интерес да ги посетува човековите населби.
Доколку се почитуваат овие превентивни мерки заштитата ќе биде успешна, потврдува Стеријовски.
Вообичаено, видовите од родот на смоковите имаат тенденција кога ќе наидат на човечко присуство веднаш да избегаат додека пак поскокот во истата ситуација се притајува и не се движи. Последново кажано, нагласувам дека тоа е вообичаена реакција на овие животни но може да има и исклучоци да реагираат животни на друг начин односно смоковите да се притајат а поскокот да бега.
Во услови на каснување од поскок уште во првите 10 минути ќе се забележи зацрвенување на местото на каснување и појава на оток кој како ќе поминува времето ќе станува поголем.
Најважно во ваква ситуација е да останеме СМИРЕНИ. Стравот и паниката го забрзуваат крвотокот а со тоа ширењето на отровот е многу по брзо. Кога сме каснати од змија во најсмирен начин треба да побараме помош од некого да не однесат до првиот поголем клинички центар каде ќе добиеме соодветна медицинска нега. Не треба да правиме подврски, цицања, вшмукувања на раната ниту пак засекувања, завршува Стеријовски.
Наталија Јосифоска