Здружението на медицинските сестри, техничарите, акушерките и стоматолошките сестри „За нас“ будно го следи случајот на тримесечното бебе со модринки по прегледот на Детската клиника и очекува виновникот за целата ситуација дека ќе се посочи со име и презиме. Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението „За нас“, денес повика пред да се посочи вина кај кого било да се почекаат податоците од стручната комисија формирана да го истражи случајот.
Будноста ни е оти очекуваме да се излезе со релевантни факти и аргументи за целокупната состојба. Во овој момент не гледаме и не согледуваме никаква вина со оглед на тоа дека и министерот Таравари досега никогаш не ја посочи вината кон медицинската сестра сѐ додека не излезе со адекватни податоци комисијата формирана да го увиди случајот. Вакви нерасчистени и недокажани случаи не смее да фрлат никаква дамка на нашата сестринска професија. Не само за дигнитетот на нашата професија туку и за довербата на пациентите. За овој случај ќе се воздржиме сѐ додека не ги добиеме релевантните аргументи од комисијата, која очекуваме во текот на денешниот ден да излезе со податоци. Веруваме во институциите и веруваме во Министерството за здравство дека сепак целиот случај ќе оди во насока на правилно расчистување и со име и презиме на виновникот за целата работа“, рече претседателката на Здружението, Бешлиовска.
Во однос на забелешките дека медицинската сестра го повредила тримесечното бебе кога му зела крв оти претходно имала расправија со мајката, која не зборувала добро македонски јазик, Бешлиовска вели дека медицинските сестри во болниците не се бројат по национални реторики.
„Се надеваме дека сите што на некој начин погрешија и згрешија во оваа ситуација ќе бидат прозвани со име и презиме. Инцидентните случаи не смее да ги генерализираат нештата и не смее да одат во правец на нарушување на дигнитетот на професијата на сестрите и губење на довербата кај пациентите“, вели Бешлиовска.
Таа потсети дека во Македонија има дефицит од медицински сестри оти постојано ја напуштаат земјата, но во моментот имаме 9.200 медицински сестри за кои вели дека високопрофесионално си ја работат работата. Токму за расчистување на ваквите случаи Бешлиовска вели дека во структурите што тие предлагаат да бидат воведени имаат и суд на честа и надзорен суд, со кои екоја грешка треба да има име и презиме, а не генерализирање на состојбите.