Министерот за локална самоуправа Златко Перински, денеска имаше средба со сите градоначалници од Источниот плански регион.
„Сакам да ве слушнам сите, изворно да се информирам за потребите на општините и што може јас како министер и Владата да помогнеме за да се подобрат условите за живеење и воопшто, за развој на општините“, рече министерот за локална самоуправа Перински.
По разговорот со градоначалниците министерот Перински рече дека го радува тоа што општините покажуваат подготвеност за реализација на многу добри и издржани проекти, а со поддршка од Владата, заедно можеме да направиме многу повеќе за граѓаните и за развојот на секое населено место и општина.
Министерот за локална самоуправа ги информираше градоначалниците за можностите и за постапката за финансирање на проекти веднаш по ребалансот на буџетот на државата. Перински ги охрабри локалните власти да подготвуваат квалитетни проекти, кои што ќе произлегуваат од потребите на граѓаните. Тој истакна дека е неопходно општините да располагаат со добра проектна идеја, со целосна проектна документација и секогаш да ги имаат предвид приоритетните потреби на граѓаните зошто најважно е тие да се задоволни од сработеното. „Потребен ни е развој на општините за да се создадат нови, подобри, можности за граѓаните, за да се намали иселувањето и секој да има услови за квалитетен живот дома“, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Исто така беа споменати неколку проекти, кои се готови и за кои ќе се аплицира, како што се: изградба на нова обиколница во Штип, нов локален пат Делчево – С. Бигор, во должина од осум километри и регулација на две речни корита во Виница.