Само Република Македонија од земјите во регионот има високи прагови на црвени аларми кога станува збор за опасноста од екстремните временски услови. Имено, црвениот праг според постоечките правилници е на фрапантни 44 степени Целзиусови, а Институтот за јавно здравје најавува зголемување и на тој праг!
Проф. д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје во неколку наврати ја залажува јавноста дека црвениот праг од 44 степени Целзиусови е во нормални граници. Ваквиот скандалозен став само потврдува дека властите воопшто не се грижат за здравјето на обичниот народ.
Кочубовски ѝ стана познат на јавноста уште во поставата на Министерството кога на чело беше Тодоров, откако изби скандалот дека водата во Дојранско Езеро е загадена и дека се забранува за капење. Кочубовски тогаш излезе во јавноста да ја брани тогашната Влада на ДПМНЕ, тврдејќи дека постои нов правилник, според кој водата воопшто не е загадена, туку има одличен квалитет и може слободно да се користи.
Истото залажување на јавноста го гледаме и сега, кога се потребни реални решенија за заштита на ранливите категории и хроничните болни, а Владата преку Кочубовски ги изложува на ризик работниците, хроничните болни и децата, само за да го заштити интересот на газдите.
Левица алармира дека постоечкиот праг од 44 степени Целзиусови за издавање на црвен аларм е премногу висок и не го рефлектира вистинскиот ризик по здравјето на населението. Институтот ИТНО треба да го ревидира и прилагоди прагот за алармирање, земајќи ги предвид најновите научни сознанија и препораки од меѓународните здравствени организации!
Владата треба ИТНО:
– да воведе флексибилно и скратено работно време за работниците;
– да иницира ослободување од работа на хронично болните и онколошките пациенти;
– да организира информативни кампањи и обуки за заштита од топлина;
– да спроведе засилени инспекции и санкции за непочитување на мерките;
– да обезбеди дополнителна грижа и помош за старите лица, болните и другите ранливи групи преку мобилни здравствени тимови и климатизирани јавни простори сè со цел да се заштити здравјето и благосостојбата на сите граѓани!