Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари работна средба со амбасадорите на земјите од Вишеградската група, на која присуствуваа амбасадорот на Република Полска, Кшиштоф Гжелчик, на Чешката Република, Јарослав Лудва, на Словачката Република, Хенрик Маркуш и заменик шеф на мисијата во Амбасадата на Унгарија, Кристина Тихањи.
Соговорниците разменија мислења за натамошно продлабочување на пријателските односи и меѓусебната соработка, за процесот на македонската интеграција во Европската Унија, како и за клучните политички и безбедносни предизвици со кои се соочуваат Унијата и европскиот континент.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека земјите од Вишеградската група отсекогаш биле гласни поддржувачи на нашиот регион и промотори на политиката на проширување на Европската Унија и се заблагодари за нивната солидарност, помош и споделување на експертските искуства во евроинтегративниот процес.
Во таа насока, таа ја нагласи нагласи важноста од фер третман, соодветно и мериторно вреднување на досегашниот реформски напредок на земјава и исполнувањето на копенхагенските критериуми во процесот на евроинтеграциите.
Претседателката ја истакна подготвеноста на земјава за примена на добрите примери и практики развиени во Вишеградската група и се заблагодари за техничката помош во градење на капацитетите на граѓанското општество.
Соговорниците изразија уверување за натамошно унапредување на севкупните односи базирани на меѓусебно пријателство, разбирање и почит.