Четиринаесет средношколци во Токио итно се префрлени во болница откако јаделе чипс зачинет со лута пиперка, соопшти денеска полицијата.
Околу 30 ученици јаделе чипс откако еден од нив ги донел на училиште, објавија локалните медиуми, пренесе Би-би-си.
Набрзо некои од нив почнале да се жалат на мачнина и остра болка во устата, поради што била повикана брза помош и полиција. Тринаесет девојчиња и едно момче кои биле пренесени во болница биле свесни и наводно имале благи симптоми.
Еден медиумски извештај наведува дека еден од учениците, момче, донел чипс на училиште „само за забава“. Компанијата која произведува грицки, преку соопштение им се извинила на клиентите за непријатностите и им посакала на учениците брзо закрепнување.
Веб-страницата на компанијата е полна со предупредувања за оние кои можеби ќе сакаат да ги пробаат чипсовите. Чипсовите се забранети за помлади од 18 години бидејќи се зачинети, а компанијата ги предупредува дури и оние кои сакаат зачинета храна „да јадат со претпазливост“.
„Толку е зачинета што може да ви предизвика болка“, се вели на веб-страницата на компанијата. Зачинет е со пиперки, кои се одгледуваат во североисточна Индија и се меѓу најжешките во светот. Јапонската компанија ги советува потрошувачите да не „јадат чипс кога се сами“ и додаваат дека тие можат да предизвикаат дијареа доколку „се јадат во прекумерни количини“.
На оние со висок крвен притисок и слаб стомак „апсолутно им е забрането“ да јадат чипс, се наведува на веб-страницата на компанијата и се предупредува дека луѓето со исеченици на прстите треба да внимаваат кога ги отвораат кесите. Оние кои се „срамежливи или премногу исплашени“ исто така се обесхрабрени да пробуваат чипс, пренесува Танјуг.