Владата ги предложи до пратениците, но биографиите самите ги доставиле, а коалиционите партнери по месеци договарање ги открија нивните џокери – заменици во министерствата. Од економисти, правници и ИТ експерти, меѓу нив и професор по физичка кулутра. Астрит Исеини, ќе му биде замена во МВР на Панче Тошковски. Дипломирал и предава физичка култура на универзитетот во Тетово. Исеини е доктор на науки по Кинезиологија. Во одбрана пристигнува друг експерт. Економистка со искуство во маркетинг областа, Елфет Исмаили.
„Своето работно искуство го започнува во Фонд за магистрални и регионални патишта. Од 2006 до 2008 била директорка на ГЦПЦ Пошта Скопје 2, а од 2008 до 2019 била вработена во АД Македонска Пошта како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била Придружничка на лице упатено во Делегацијата на РС Македонија при НАТО, Брисел, Кралство Белгија“, информираат од владата.
Но, затоа, пак, Борко Ристовски добива заменичка информатичарка. Сафије Садики Шаини. Доскорешната пратеничка ако ја добие поддршката во Собрание ќе биде заменичка во министерството за спорт. Единствено министерот Игор Филков во Правда ќе добие колега замeник по струка. Ален Деребан е магистер по право од областа на меѓународно право и меѓународни односи, со завршен правосуден испит. Адвокат и советник во општина Струга.
Ако се пребројат заменичките решенија на новата влада, преовладува процентот на кадар чии што услуги ги користеле и владите на Никола Груевски, Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Со свој личен рекорд, Неџат Мустафа по 11 години заменик без ресор, сега влегува во министерството за односи со заедниците. Таков е случајот и со Флакрон Беџети, кој од државен секретар во Труд, сега се сели во Министерството за земјоделство, а екс новинарот Зоран Димитровски од локална самоуправа претендира за заменик министер за надворешни.
Но, има и такви решнија кои се покажале и остануваат на истите позиции. За заменик министер во Министерството за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани. Финансиите и енергетиката ќе ја поддржуваат економистот и професор по агроекономија Николче Јанкуловски и ИТ експертот Мирослав Лабудовиќ во енергетика и рударство.
За заменик на министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади се предлага Ѓоко Велковски. Велковски е дипломиран економист. Има долгогодишно работно искуство во Министерството за труд и социјална политика, бил секретар на Град Скопје, а во последната техничка Влада беше технички министер за труд и социјална политика. Како предлог од коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката Ане Лашкоска треба да замине за заменичка во Екологија.