Билтенот на МВР секој ден е преплавен со сообраќајни несреќи или прегазени пешаци, а се почести се и физичките пресметки помеѓу нервозни и нестрпливи возачи во сообраќајот.
Иако МВР одамна постави и ги пушти во функција новите камери низ скопските улици, како дел од проектот “Безбеден град”, истите се уште не можат да се користат за казнување на возачи во сообраќајот.
Пред два дена од МВР соопштија дека токму благодарение на овие камери биле казнети четворица полицајци кои примиле мито, без да дадат поконкретни детали за истите, со што останува нејасно која е нивната функција и во кои случаи тие можат да се искористат за казнување.
Ова беше причина 24Инфо да направи анкета и да ги праша граѓаните дали камерите на “Безбеден град” треба да почнат да казнуваат несовесни возачи и учесници во сообраќајот.
Сообраќајната култура во Скопје е на нула. Сите свират, се создава гужва, секој застанува каде ќе му текне, не се пропуштаат пешаци, можат да те прегазат уште пред да поминеш пешачки, се вози брзо, се паркираат на тротоари па пешаците нема каде да поминуваат, велат граѓаните.
Ситуацијата ја увидовме и на терен, па само за неколку минути, со нашата камера успеавме да снимиме безброј прекршоци во центарот на Скопје.
Возачите не ги почитуваат правилата и прописите, а како најнепримерни ги споменуваат таксистите, кои како што велат граѓаните се “газди” во градот и вртат каде што сакаат.
Кога се казните во прашање мислењата се поделени. Додека едни мислат дека тие треба да бидат високи, па дури и двојно повисоки од сегашните, за како што велат народот да се научи, други сметаат дека за нашиот стандард тие се многу високи, па затоа граѓаните треба многу да внимаваат.
Има и такви кои сметаат дека камерите можеби ќе воведат ред, но се плашат дека на почетокот ќе бидат напишани многу казни, а истите можат и да се злоупотребат во одредени случаи.
Граѓаните се децидни дека казни мора да има, но важно им е и да се исфрли навиката да се поништуваат казни на познаници и пријатели, или пак да се заменуваат казните со вршење на одредени услуги, нешто што и МВР го увиде со помош на камерите.