На веб портал со адреса candscreeesh објавено е лажно интервју со поранешниот премиер Зоран Заев и главната и одговорна уредничка на Телма, Снежана Лупевска Созен.
На самиот почеток е искористено логото на порталот kurir.mk и копирани се подрубриките со оригинален изглед, но доколку кликнете на било која од нив ве водат на страница за подигнување кредит и брза и лесна заработка.
Токму „тајната на збогатувањето“ е главната тема на наводниот разговор, а Заев случајно го открива линкот во неговиот телефон, но набрзо бара од новинарката (која во текстот е наречена водителка) тоа да не оди во етер.
За да ја потврдат „веродостојноста“ на лажната објава, во текстот стои дека реагирале и од Народната банка на Македонија, од каде наводно побарале веднаш да се прекине директниот пренос.
Влезната конструирана изјава во текстот е дека Заев има страв од сиромаштија и дека има совршен начин за да се стане богат.
Спомнат е уште еден медиум наводен „Македонија Тајмс“ кој успеал да дојде до ексклузивното интервју со Заев, во кое тој советува дека не треба напорно да се работи за да се создаде богатство.
Во понатамошниот текст тој дава совет да се следи одреден линк и да се уплатат 15.000 денари, со што ќе се стане дел од некоја мрежа и така ќе започне заработката на пари.
На крај извесен уредник со измислено име Душан Флоровски (бидејќи на интернет просторот не се појавува лице со вакво име и презиме) тврди дека Immediate Connect станал негов главен извор на приход.
Како и во другите лажни информации и тука текстот изобилува со мноштво печатни грешки.
По проверката, утврдено е дека станува збор за интернет измама кој служи како мамка за лековерните кои преку лажни вести се „убедуваат“ дека може бргу да се обогатат. Телма ги предупредува граѓаните да не наседнуваат на овие креирани и неточни содржини, да не уплаќаат никакви средства на сметки поврзани со оваа страница ниту пак да оставаат сопствени лични и дигитални податоци.
Случајот е пријавен и во надлежните полициски служби во МВР.
Извор: Телма