Македонската полиција соопшти дека во периодот од 22.00 часот на 20.07. до 01.30 часот на 21.07.2024, за време на одржување на забава на место викано „Бабуна“, велешко, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода Т.Ѓ.(29), Ф.Ј.(30), Ф.Ѓ.(29), сите од Скопје, М.Н.(22) од Прилеп, Н.А.(23), И.С.(28), двете од Скопје и тројца малолетници.
При преглед кај лицата биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, зелена тревкаста материја, бела грутчеста материја, таблети и други предмети. Исто така, Т.Ѓ. се однесувал агресивно и ги спречувал полициските службеници при преземањето службени дејствија.
За случајот е известен јавен обвинител и од полицијата најавуваат дека по целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Слично апсење имаше и на почетокот на месецов. При забава која се одржувала на долна Бабуна, полицијата лишила од слобода седум лица поради поседување на марихуана. Едно лице пак физички нападнало полицаец, па бил уапсен.