Платата на премиерот Христијан Мицкоски изнесува 140.450 денари, односно околу 2.280 евра. Вицепремиерите и министрите земаат нето-плата по 115.540 денари (1.870 евра), освен министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој зема дополнителни 20 отсто во износ од 24.865 денари заради извршувањето на таа функција, па неговата плата изнесува 140.405 денари, исто колку на премиерот.
Владата на својата официјална веб-страница во делот „отчетност“ ги објави платите на функционерите од владиниот кабинет. До скоро на оваа страница стоеја платите на членовите на Владата на Зоран Заев од пред фамозното зголемување од 78 отсто лани во март, а Владата на Димитар Ковачевски, во чиј мандат се случи зголемувањето функционерските плати, никогаш не објави колку им изнесуваат месечните примања! За платите на бившите министри јавноста дознаваше инцидентно, ако некој од нив ја открие сумата, па така поранешниот министер за финансии Фатмир Бисими во една прилика откри дека платата по зголемувањето му изнесува 125.960 денари.
Бруто-платите на актуелните министри изнесуваат 176.830 денари, сума што е за 60.000 денари повисока од нето-платите. Според пресметката, за нето-платите на 23 министри и на премиерот секој месец плаќаме околу 2,8 милиони денари (46.000 евра), а за нивните бруто-плати по 4,3 милиони денари, односно по околу 70.000 евра. Тоа годишно изнесува 843.000 евра само за министрите, без замениците-министри и другите функционери во Владата. Не е познато колку вкупно нè чинат платите на сите 1.060 избрани и именувани функционери во државата, меѓу кои и на судиите, градоначалниците, пратениците итн, затоа што не се објавени транспарентно.
Претходната влада им ги намали коефициентите за пресметка на плата на 157 функционери, стои во одлуката објавена во Службен весник. Станува збор за функционери што таа ги именува. Со одлуката се намалуваат коефициентите на генералниот секретар на владата, владиниот портпарол, националните координатори и нивните заменици, директорите на управите, на инспекторатите, на бироата, државните комисии, агенциите, заводите, фондовите, директорите на затвори…
Коефициентите за функционерите што ги именува Владата се намалија за 12,8 проценти.
Просечната нето плата во Македонија сега изнесува околу 34 илјади денари, а минималната изнесува 22.567 денари. Работник со минимална плата треба да работи осум месеци за да заработи колку премиерот или претседателот што ќе заработи за еден месец. На тој што зема просечна плата ќе му требаат скоро пет месеци за да заработи една плата на премиер или претседател.