Американскиот милијардер, Џорџ Сорос, донираше повеќе од 15 милиони долари за поддршка на американската потпретседателка Камала Харис да биде кандидат на Демократската партија на претстојните претседателски избори, објави денеска Bloomberg.
Покрај него, Харис ja поддржа и филмскиот продуцент и донатор Џејми Патрикоф.
„Другите ќе видат дека таа е најдобрата опција за демократите да го победат Трамп“, рече тој, додавајќи дека Харис ќе го уништи Трамп во дебатата.
За разлика од тие двајца, останатите милијардери и донатори на демократите не одлучиле која личност ќе ја поддржат за да биде кандидат на изборите, бидејќи сакаат, како што наведува агенцијата, отворен конкурс.
Милијардерот и агент Рик Карузо изјави дека Харис можеби се издвојува како најдобро решение за демократите, но дека во секој случај треба да има отворен конкурс за кандидатурата.
„Овозможувањето отворен процес е во согласност со основната сила на нашата демократија“, рече Карузо.
Пред да се откаже од својата реизборна кампања вчера, американскиот претседател Џозеф Бајден собра близу 96 милиони долари во донации, што се пари што Харис може да ги искористи бидејќи таа беше негова кандидатка, додека другите кандидати ќе треба да почнат да собираат пари „од нула“, според Bloomberg.
Претходно денеска, Reuters објави дека кампањата на Харис собрала 49,6 милиони долари за помалку од еден ден, откако Бајден објави дека се повлекува од трката.
The New York Times објави дека некои од најголемите донатори на Демократската партија предупредија дека нема да ги платат ветените донации доколку Бајден не се откаже од кампањата за реизбор, а се вели дека се работи за околу 90 милиони долари.
Бајден синоќа објави дека се повлекува од кампањата за реизбор, откако одби да го стори тоа претходниот месец.