Последиците од неодговорни фискални политики се реалност и опасност и за Македонија, смета економистот и аналитичар Бранимир Јовановиќ.
Како неодговорна фискална политика произлезена од ребалансот на Буџетот за 2024 година, Јовановиќ го посочува два индикатори: порастот на јавниот долг и високите камати на кредитите што ќе треба Македонија да ги враќа, а што ќе ја доведат државата во своевидно должничко ропство.
„Јавниот долг на крајот на годината ќе достигне 68% од БДП, од 58-те проценти колку што изнесувал на крајот на првиот квартал. Таков раст, од 10 процентни поени, во рок од една година, Македонија имала само еднаш – за време на пандемијата. Со тоа што тогаш знаевме зошто се земаат тие пари – за да се справиме со пандемијата, за да им се помогне на фирмите и слично, а сега тоа не го знаеме“, вели Јовановиќ, кој е дел од тимот на реномираниот Виенски институт за меѓународни економски студии, во интервју за „Независен весник“.
Според него, друг загрижувачки индикатор е што до крајот на годината ќе треба да издвоиме 300 милиони евра за отплата на камати на кредити.
„Износот за исплата на камати на кредити пред да дојде Груевски изнесуваше околу 40 милиони евра, во негово време се зголеми на 140 милиони, потоа во првите неколку години од владеењето на СДСМ дури и малку се намали, на 120-130 милиони, за потоа со пандемијата пак се зголеми на околу 200 милиони, и еве сега ќе достигне и 300 милиони“, вели Јовановиќ.
Тој појаснува дека 300 милиони евра се повеќе пари отколку што државата дава за социјални надоместоци за сиромашните. Наместо за вистинските проблеми со кои се соочуваме како држава, овие средства ќе одат на камати за кредити, нешто што е неодговорна финансиска политика, заклучува Јовановиќ.