При гаснење на пожарот во старата штипска депонија, брзајќи да спречи проширување на огнот преку тревата кон блиската борова шума, командирот на штипските пожарникари Благој Ренџов паднал низ карпест дол и ги скршил двете раце.
„Веднаш се упативме со колегите кон депонијата и почнвме со гасење. Видов дека е запалена сува трева и оди кон борова шума. Да не ја зафати шумата се обидев да се симнам низ долот, кој беше со карпи, стрмен дел и во еден момент со левата нога пропаднав во дупка и изгубив контрола и почнав да паѓам. При паѓањето наидов на карпа и инстиктивно наместо да удрам со главата, во карпата ги ставив рацете. Почувствував силна болка, притрчаа моите колеги, ме подигнаа и тогаш увидов дека имам силни болки во рацете. Повикавме возило и бев транспортиран во Штипската болница“, вели командирот Благој Ренџов.
Како што вели, спречиле уште еден шумски пожар а во боровата шума имало и штала со 250 овци.
„Ја спасивме и шталата и боровата шума да не настане уште еден голем пожар“, додава тој.
Посочува и дека на десната рака му е скршена шаката и малиот прст, а не левата рака има пукната коска.
Повреден е уште еден пожарникар кој исто така е со скршеници на левата рака.