Пожарот кај Серта е целосно изгаснат по 13 дена борба со огнената стихија. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов изрази благодарност до сите кои доброволно придонесуваа во гаснењето на пожарот, како и до сите државни, регионални и локални институции кои беа вклучени во негово гаснење.
Благодарност упати и до локалното население кое храбро и пожртвувано заедно со нив, помогнало во совладувањето на стихијата.
Вчера полициски хеликоптери помагаа во гасење на пожарите кај Старо Нагоричане и Брезница.
Пожарот кај Старо Нагоричане беше изгаснат а потоа леталата се упатија кон жариштето кај Брезница.
Кризната состојба со пожарите на отворено кои зафатија делови од државата ќе биде разгледана на седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи што утрово ќе се одржи во Центарот за управување со кризи.
ЦУК извести дека со седницата ќе раководи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.