Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денеска, по повод земјотресот во 1963 година, се навраќа и објаснува што точно се случувало тоа кобно утро во Сеизмолошката станица на Универзитетот во Скопје.
Сеизмолошката станица на Универзитетот во Скопје била единствената сеизмолошка станица што работела во времето на катастрофалниот земјотрес на 26 јули. Во моментот на земјотресот, со станицата раководел Драган Хаџиевски, професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Други вработени во станицата во тоа време биле геологот Панде Георгиевски и помошникот лаборант и чувар на станицата Ристо Глигоров, кој со своето семејство живеел во станбениот дел на станицата, нешто што било вообичаено за тогашните сеизмолошки институции. Меѓутоа, Панде и Ристо на 26 јули 1963 година биле на годишен одмор, па така за време на кобното утро во Скопје од стручните лица на станицата бил само Драган Хаџиевски, а во зградата на станицата – само родителите на Ристо Глигоров, Тимо и Софија.
-Тимо и Софија на 26 јули 1963 година, во 05 часот и 17 минути, биле разбудени од многу силен подземен удар, проследен со силна бучава. Веднаш потоа почувствувале и слушнале силни удари во надворешните ѕидови на станицата од одронетите варовнички стени на падината на Водно над станицата. Станицата, за среќа, не претрпела значајни оштетувања. Истрчале во дворот на станицата, каде биле сведоци на страшна глетка: наместо градот Скопје, во подножјето на падината на Водно се кревале големи облаци од прашина. Кога по некое време прашината се расчистила, здогледале урнати згради и куќи. Во целокупниот хаос, не ни забележале дека во моментот пристигнал раководителот на станицата, Драган Хаџиевски, кој со своето возило, со многу големи тешкотии, низ паниката и урнатините во градот Скопје, успеал да стигне до станицата, наведува Сеизмолошка опсерваторија.
Станицата тогаш била опремена со два механички сеизмографа MAINKA, монтирани уште во првата половина на 1957 година, на начин да ги бележат движењата на тлото долж правците север–југ и исток–запад, и со механичкиот сеизмограф CONRAD, монтиран во февруари 1963 година, на начин да ги бележи движењата на тлото долж правецот север–југ. Драган констатирал дека сите три сеизмографи биле исфрлени од работа при ударот на силниот земјотрес. Со голема возбуденост, но и умешност, тој успеал, околу 38 минути по настапот на земјотресот, да го врати во работа сеизмографот CONRAD, а по околу 2 часа и 32 минути, и едниот од сеизмографите MAINKA. Со ова било овозможена континуирана регистрација на другите земјотреси настанати по силниот, што пак обезбедило натамошно издавање на Сеизмолошкиот билтен и на засебни извештаи, како и навремено информирање на населението заради преземање соодветни заштитни мерки.
-Континуитетот на микросеизмичките набљудувања по силниот земјотрес што го обезбедил Драган Хаџиевски претставува, всушност, основен материјал за натамошните обемни истражувања на скопското епицентрално подрачје од сеизмолошки и од сеизмотектонски аспект, но и особен пример за сите сеизмолози за несебичното стручно залагање и акција, утрото на 26 јули 1963 година, објаснува Сеизмолошка опсерваторија.
Денеска, 26 јули, се одбележува 61 година од скопскиот катастрофален земјотрес со магнитуда 6.1 според Рихтер и интензитет од 10 степени според Европската макросеизмичка скала. Земјотресот предизвика големи материјални штети, а загинаа 1 070 лица.