Претседателката Сиљановска Давкова во посета на Црвениот крст

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска, по повод 26 јули – денот на солидарноста и сеќавањата од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, престојуваше во посета на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

За време на посетата претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на презентација – Активностите на Црвениот крст за време на земјотресот во Скопје 1963 и одржа средба со волонтери и раководството на оваа хуманитарна организација. Преку видео врска проследи дел од нивните активности во Центарот за дарување крв, Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка и во Нега центарот.

Раководството на Црвениот крст ја информираше претседателката за капацитетите на организацијата, за растечката тенденција на волонтерските активности, како и за иницијативите и посветеноста во промовирањето на солидарноста и хуманитарното волонтерство, како одржлив модел со бројни индивидуални и колективни придобивки.

Волонтерите на Црвениот крст ја запознаа претседателката Сиљановска Давкова со редовните ангажмани во поддршка на ранливите групи, заштита на животот и здравјето на граѓаните и унапредување на севкупната социјална состојба во општеството, а во разговорот хуманите активисти ги споделија нивните лични заложби што биле поттик и инспирација да се вклучат во Црвениот крст.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова го сподели своето сеќавање од скопскиот земјотрес и деновите потоа, нагласувајќи ја непроценливата вредност на солидарноста и придонесот на волонтерите, обединети во силната желба за помош и поддршка. Во таа насока, посочи дека граѓанското општество најмногу се зајакнува преку волонтерска работа, оценувајќи дека волонтерството треба да се вгради и во образовниот систем.

За време на посетата, претседателката Сиљановска Давкова потпиша пристапница за членство во Црвениот крст, како една од најголемите и најзначајни волонтерски организации и притоа ја нагласи нејзината натамошна безрезервна поддршка на хуманизмот како највозвишена човекова вредност и врвен приоритет на секое општество.

Треба да знаете
Последни објави