Првата класа на црвената пиперка ајварка да се откупува по 40 денари за килограм, прва/втора 30, втора 20 и трета 12 денари. Ваков договор постигнале преработувачите и откупувачите на средбата со министерот за земјоделие.
Според договорот овие цени ќе останат за време на целиот откуп со можност за зголемување, во зависност од побарувачката на пазарот. Претседателот на потсекторската група за градинарство во МЗШВ Драги Памуков задоволен што претходните две средби што ги иницираа и барањата за почести контакти вродиле со плод. Вели цената е солидна и очекува договореното да се почитува.
Согласно договорот, државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Од потсекторската група веруваат дека нема да има можност за манипулации ниту со класите бидејќи од следната недела сите откупни центри ќе добијат правилник за утврдување на квалитетот.
Според производителите , како резултат на екстремно високите температури годинава родот на црвената пиперка ќе биде намален за околу 20 проценти. Првичните проценки велат дека оваа сезона родот на ајварката во струмичкиот регион ќе тежи помеѓу 30 до 35 илјади тони.