Македонскиот премиер најави дека субвенции за компаниите кои имаат добивка од над 50 милиони евра и планираат да ја консолидираат во земјава. Наместо 10 проценти како досега, нивната добивка ќе биде оданочена со најмногу 5 проценти
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека владата ќе предложи значително намалување на данокот на добивка на фирмите кои заработуваат над 50 милиони евра. По средбата со претставниците на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија првиот човек на македонската влада информира дека се планира намалувањето на оваа давачка за најбогатите компании во државата да биде пониско за половина. Наместо досегашните 10 проценти, данокот на добивка на овие фирми ќе изнесува до 5 отсто.
Според премиерот, намалувањето ќе биде наменето за сите мултинационални компании кои што планирааат својата добивка да ја консолидираат овде кај нас, а таа добивка изнесува 50 милиони евра. Според него, со ваквиот приод во буџетот ќе се влеат повеќе средства отколку што е тоа сега случај.
„Овие мултинационални компании кои што планираат својата добивка да ја консолидираат овде кај нас и таа добивка изнесува над 50 милиони евра, ќе добијат, би рекол, субвенција и начинот на пресметка на таа добивка ќе биде до 5 проценти. Ако сега е фиксно до 10 проценти, во овој случај ќе биде до 5 проценти. Затоа ги повикувам сите македонски компании кои што соработуваат со светски мултинационални компании да ги повикаат во Македонија и веднаш откако ова ќе биде изгласано да може да го консолидираат бизнисот тука“, изјави Мицкоски.
Лани, само пет фирми имале добивка поголема од 50 милиони евра – Џонсон Мети, трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка и Јавното претпријатие за државни патишта.