Денеска во Министерството за внатрешни работи се одржа работна средба помеѓу министерот Панче Тошковски и амбасадорот на Чешката Република Н.Е. Јарослав Лудва.
На средбата двете страни изразија задоволство од долгогодишната одлична соработка, со акцент на партнерството помеѓу двете министерства, кое изминативе години, особено за време на миграциската криза, но и периодот после се покажа дека е од голема важност за нас како министерство особено во делот на осовременување на капацитетите на МВР.
Од страна на министерот за внатрешни работи Тошковски, беше изразена благодарност како за поддршката и соработката преку бројните донации за подобрување на капацитетите на вработените во Министерството за внатрешни работи, така и за пружената поддршка со испраќање на чешки полициски службеници на нашата граница за справување со илегалната миграција во периодот од декември 2015 до април 2023 година, што резултираше со намалување на интензитетот на миграциските текови.
Амбасадорот на Чешката Република Н.Е. Лудва, истакна дека нашата држава е од исклучително значење за одржување на безбедноста во овој дел од Европа, изразувајќи надеж дека соработката ќе биде уште подобра во иднина со заеднички фокус за нејзино уште поголемо продлабочување.
Билатералните договори меѓу двете министерства се од областа на безбедноста, техничка соработка, реадмисија, борба против криминалот и спроведување на заеднички иницијативи за решавање на актуелните безбедносни предизвици.