Политичкиот прогон и заплашувањето нема да ви поминат, вака екс-министерот од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши ја коментира поднесената кривична пријава од МВР против него поради вршење притисок на денот на изборите во месец мај.
Бектеши ја објави фотографијата од пораката што му ја испратил на полицискиот началник во СВР Охрид, за која заработил пријава.
„Секоја чест. Јаки сте. Срамота треба да ви е да се занимавате со млади луѓе“, стои во пораката на Бектеши што ја испратил, а објавена денеска на неговиот Фејсбук профил.
Според него, намерата на Владата е одмазда за „дебаклот на 8 мај“.
-Како Крешник Бектеши секој пат ќе се грижам за граѓаните кои се во постојана тенденција на мајоризација и заплашување, како моите сонародници во Охрид, Крушево, Долнени… И во ова, ништо освен Бог не може да ме сопре. На следните избори ќе се случи народ, стои меѓу другото во објавата на Бектеши.
Претходно, МВР излезе со информација за поднесената кривична пријава.
-СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.Б.(39) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“. На 07.05.2024, пријавениот од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик, се вели во полицискиот билтен.
Обвинувањата против Бектеши од ДУИ ги квалификуваат како неосновани кои имаат за цел дискредитација на партијата и нивните претставници. Овие дејствија, според ДУИ, се јасен обид на Владата да го одвлече вниманието на јавноста од своите, како што велат оттаму, катастрофални неуспеси и „да го заплаши албанскиот граѓанин кој со право е огорчен од брзото влошување на неговата позиција од формирањето на оваа влада“.