Изгореа неколку куќи во селата Орел и Немањици во околината на Свети Николе.
Со огнот се борат пожарникари од ТППЕ Свети Николе и соседните општини, доброволци, мештаните, а се дејствува и од воздух.
Градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев вели дека во селото Немањици има околу 50 жители, но во него има и викендици.
Истовремено како што појаснува директорот на Центарот за управување со кризи(ЦУК) Стојанче Ангелов има сериозен пожар во Старо Нагоричане, неколку пожари на територијата на Куманово, како и пожарот кој изби на територијата на општина Демир Хисар и се движи во насока на Охрид преку планината.
„Но покрај овие има и уште неколку тешки пожари. Меѓу нив пожарот кој неколку дена гори во насока на ловиштето „Јасен“ се уште е активен и попладнево повторно се разгоре. Ветерот што дува ги разгорува пожарите и дополнително го отежнува нивното гаснење“, вели Ангелов.
До 14 часот попладнево на територија на државава имало вкупно 20 пожари, од кои осум се активни, десет се изгаснати и два се ставени под контрола.
Ангелов информира дека состојбата се менува од минута во минута.
Македонија месецов се соочи со многу пожари. За гаснење на пожарите помогнаа Турција, Словенија, Романија, Црна Гора, Србија.