Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Касандра Фернандо, претседавач со Групата за пријателство вo Парламентот на Австралија.
На средбата се разговараше за севкупните македонско-австралиски билатерални односи, вклучувајќи ја соработката на парламентарно ниво.
Претседателката Сиљановска Давкова оцени дека посетата на пратеничката Фернандо, втора по ред на нашата држава, е потврда за посветеноста за продлабочување на соработката.
Претседателката Сиљановска Давкова на средбата истакна дека и покрај географската оддалеченост, двете држави продолжуваат да развиваат силни пријателски односи, посочувајќи на македонската дијаспора во Австралија, која дава силен придонес во севкупниот развој на австралиското општество и е важен мост на поврзување меѓу двете држави.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава високо ја цени континуираната поддршка и помош што Австралија ја дава во исполнувањето на нашите стратешки цели и изрази надеж дека оваа поддршка исто така ќе се рефлектира и во соработката на парламентарно ниво.
Претседателката Сиљановска Давкова посочи дека економската соработка не ги следи добрите политички односи меѓу двете држави и оцени дека постои голем неискористен потенцијал за развој на економската соработка и зголемување на трговската размена.