Новата министерка за енергетика, Сања Божиновска, како поранешна сопственичка на фирмата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје“ во 2016 и 2017 година, пред промената на власта, направила долг од речиси еден милион евра кон државната компанија МЕПСО, објави „Рацин.мк“.
МЕПСО тогаш покренале постапка за наплата на долгот и иницирале тужба против фирмата на Божиновска. Во 2019 година, спроведено е и вештачење од судски вештак кој ја утврдил вистината на каматите на фирмата на Божиновска која му должела на МЕПСО.
Божиновска го менува името на фирмата и прераснува во друг субјект, а Одлуката за изменување на лиценцата за вршење дејност издава и Регулаторната комисија на ден 5 ноември 2020 година.
Наместо „ЕНГ Сервис Трејд“ сега се вика „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“. Тоа што е сомнително е што веќе во 2022 година, фирмата „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“ работи со загуби и станува деловно неактивна, а фирмата е избришана од Централниот регистар бидејќи не поднела годишна даночна пријава за 2019 година, пишува „Рацин.мк“.
Во септември 2017 година, МЕПСО објави дека вкупниот долг кон нив како државна компанија за таа година изнесува 57 милиони денари или 926.829 евра.
Од него, најголемиот дел бил направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“, чиј основач и еден од управителите била токму Божиновска, пишува „Рацин.мк“.