Царинска управа во последниот месец наплати вкупни приходи од 11,9 милијарди денари, односно 195 милиони евра, што е за 16,6% повисок износ во споредба со истиот период во 2023 година. Ова е највисок износ на наплатени приходи реализирани на месечно ниво од постоењето на Царинската управа.
„Уште на првиот ден на моето назначување за директор на Царинска управа, ветив испорака на видливи и брзи резултати. Оваа порака ја споделив со сите вработени во Царинската управа и побарав максимален ангажман од нивна страна и професионализам на сите нивоа. Првите резултати ги гледаме денес, кога бележиме рекордно највисок износ на наплатени приходи реализирани на месечно ниво од постоењето на Царинската управа. Овој резултат нека биде мотив за сите царински службеници за уште поголеми напори за подобри резултати во сите сфери на царинското работење и во иднина”, истакна директорот Бобан Николовски.
Царинската управа останува фокусирана на преземање мерки и активности во насока на зголемена финансиска дисциплина и наплата на приходите од сите учесници во царинските постапки, што ќе резултира со подобрување на состојбата на буџетот на државата, а со тоа и подобрување на животниот стандард на граѓаните.