Намалувањето на данокот на добивка за најбогатите компании не се планира за на постојните фирми да им се намалат даноците, туку за да се привлечат нови, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска на денешниот брифинг со новинарите.
Оставете ги банките на страна, ниедна компанија во Македонија во моментов не заработува 50 милиони евра годишно, вели таа по најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека планираат намалување на данокот на добивка за фирмите кои заработуваат над 50 милиони евра годишно од 10 на 5 проценти.
Сепак, според достапните податоци што ги објави Телма, пет фирми минатата година оствариле добивка по оданочување од над 50 милиони евра – Јавното претпријатие за државни патишта, Џонсон Мети, и трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка.
Идејата е дека со намалување на данокот на добивка, во земјава ќе дојдат големи светски мултинационални компании кои би се преселиле во Македонија привлечени од ниските давачки.
Експерти со кои разговаравме се сомневаат дека намалувањето на даноците ќе ги даде посакуваните ефекти зашто се работи за многу малку фирми. Вака изгледа дека овие фирми ја задолжиле владата со нешто, па сега сака да им се оддолжи.
Министерката Димитриеска – Кочоска, пак, вели дека уште не е ништо прецизирано, но оти измените не се планираат за на постојните фирми да им се намалат даноците, туку да се привлечат нови, богати компании. За разлика од странските инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони, кои 10 години целосно се ослободени од данок на добивка, овие фирми, за кои се планира намалување, не мора да имаат производство во земјава, туку само да бидат регистрирани овде привлечени од ниските даноци.
Владата на СДСМ во 2019 година воведе прогресивен данок на доход, односно повеќе да плаќаат оние кои заработуваат повеќе, но по само една година го укина. Сега Владата на ВМРО-ДПМНЕ најавува обратна ситуација – тие што повеќе заработуваат да плаќаат помалку данок на добивка.