„ДУИ како државотворна партија е гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на земјата“ – вака, преку писмено соопштение, одговорија од партијата на Али Ахмети, откако премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Фокус“ изјави дека „интегративците“ се закана за мирот и стабилноста, а денеска ги повтори предупредувањата дека оваа партија има план за есенска дестабилизација, со цел да го заштити капиталот.
„Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија. Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали.
Што се однесува до неоснованите обвинувања за прекршување на законот, уште еднаш ги повикуваме политичките партии на проверка на сите носители на јавни функции со меѓународна помош. Само така ќе престане блефирањето, ловот на вештерки и злоупотребата на борбата против корупцијата за политички цели…“, соопштија од ДУИ.
Во интервјуто за неделникот „Фокус“, Мицкоски, говорејќи за иницијативите на ДУИ за озаконување на правилото „победник со победник“ и територијална реорганизација по белгиски модел, посочи дека не ја исклучува можноста одредни групи и структури да бидат несвесно изманипулирани, а тоа, според него, може да го предизвика територијалниот интегритет и суверенитет, односно да создадат криза.
–Со ова неодговорно однесување, ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава. И, ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава. Но, во суштина, овие пораки се обид грчевито да се брани богатството стекнато во изминативе 20 години на власт.