Студентските демонстранти од Бангладеш денеска најавија дека ќе се залагаат за нобеловецот Мухамед Јунус да ја води привремената влада, еден ден откако премиерката беше соборена и војската ја презеде власта.
„Одлучивме дека ќе биде формирана привремената влада во која меѓународно познатиот нобеловец д-р Мухамед Јунус, кој има широка поддршка, да ја предводи привремената влада“, рече Нахид Ислам, лидерот на Студентите против дискриминацијата во видео порака.
Началникот на армијата на Бангладеш, генерал Вакер-Уз-Заман вчера во обраќање преку државната телевизија изјави дека Шеик Хасина поднела оставка од функцијата премиер и дека војската ќе формира преодна влада.
Вакер се очекува да се сретне со студентските лидери во текот на денот.
Јунус (84), угледен економист, е заслужен за извлекувањето милиони од сиромаштијата со неговата пионерска банка за микрофинансирање, но заработи непријателство од Хасина, која го обвини дека „цица крв“ од сиромашните.
Хасина (76) беше на власт од 2009 година, но е обвинета за местење на изборите во јануари.