Пратеникот на „Вреди“, Беким Сали на прес-конференција попладнево побара од Јавното обвинителство да реагира по допрен глас за основано сомнение за „сторена политичка корупција во режија на кадрите на ДУИ во „Лотарија“.
„АД Државна Лотарија на 31 март 2023 година, преку делегирање на 51% во сопственичкиот капитал, регистрирал втора видео лотарија под името НОВО ВЛТ со основна главнина од безмалку малку 10 милиони евра.Како носител на дејноста и ко-сопственик на НОВО ВЛТ се јавува компанијата Друштво за услуги ХТЛ Македонија ДООЕЛ Скопје. За членови на Надзорниот одбор на НОВО ВЛТ беа назначени, продолжената рака на Артан Груби и поранешниот директор на АД Државна Лотарија, Перпарим Бајрами и неговите сопартијци од ДУИ, Артин Спахију и Омер Буњаку.
Согласно оваа Рамковна Спогодба – Договор за јавна набавка склучена меѓу НОВО ВЛТ и косопственикот и основачот ХТЛ, склучена на 13 јуни 2024, или 35 дена по парламентарните избори, се предвидува за период од две години да се набават 1.600 видео лотариски терминали во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра. Да бидеме прецизни, НОВО ВЛТ, во чиј Надзорен одбор се тројца кадри на Артан Груби, во постизборен период кога се знаеше дека ДУИ оди во опозиција од приватната фирма, односно вториот основач, набавува илјадници казино апарати за период од наредни две години, во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра. Бараме од Јавното обвинителство да истражи:
-Кои се мотивите за оваа јавна набавка?
– Дали е точно дека во моментот на потпишувањето на рамковната спогодба – договор за јавна набавка, пазарната цена на еден видео лотариски терминал била 3.800 евра?
– Дали е точно дека поединечната цена за еден видео лотариски терминал која е договорена во рамковната спогодба – договор за јавна набавка, изнесува 10.000 евра или за 6.200 евра поскапа од неговата пазарна вредност?
– Дали е точно дека вкупната вредност на набавката чини неверојатни 9.920.000 евра поскапо од пазарната вредност на видео лотариските терминали?
– Во чии џебови ќе заврши разликата од речиси 10 милиони евра, само од овој тендер?
-Дали вредноста на казино апаратите е свесно и со умисла зголемена со цел да се штелува основната главнина неопходна за отворање на новата државна видео лотарија?-стои во соопштението на Вреди.
Сали извести дека ќе побараат и од Управата за финансиско разузнавање да ги
истражи евентуалните врски на поранешни функционери на ДУИ со
сомнителни лица од соседна Србија поврзани со казино бизнисите.
На изјавата на Сали експресно реагираа од ДУИ обвинувајќи ги за незнаење.
„Вреди уште еднаш покажа максимално незнаење,а како резултат на тоа што се вазали и нелегитимни, ги понижуваат Албанците обвинувајќи според нив за тендер распишан од приватна фирма, со нејзини процедури и буџет, а не со буџетски средства.
„Овој алармантен недостаток на знаење и менаџерски вештини ги засрамува Албанците. Секој обид за дефокусирање на мислењето со секојдневни глупости и лаги, од тоа дека си нелегитимен, вазал, бакнувач, слуга и понижувач на Албанците, не ти поминува! Повикуваме на меѓународна проверка на политиката, судството, обвинителството и бизнисот во последните 32 години“, велат од ДУИ.