Од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ни глас за улогата и одговорноста на претседателот на Собранието Африм Гаши во инцидентот на скопксиот аеродром со косовската претседателка Вјоса.
Единствениот кон кого досега се преземени мерки е шефот на обезбедувањето на Гаши кој директно учествуваше во насилството врз своите колеги на скопскиот аеродром, иако и самиот собраниски спикер призна дека тој таму отишол по негова нардеба „за да ја смири ситуацијата“. Сите индиции се дека и Гаши и неговиот главен телохранител постапиле надвор од своите овластувања.
И од Вреди чекаат факти од истрагата. Пратеникот на оваа коалиција Беким Сали денеска изјави дека тој не може да каже точно што се случило на скопскиот аеродром и дали некој треба да сноси одговорност оти за тоа треба да се произнесат надлежните органи.
Според Сали, испраќањето на членот на обезбедувањето на Гаши на скопскиот аердодром било со цел да се смири ситуацијата, меѓутоа, како што рече, „што се случило таму, не знаеме“. Тој смета дека со тоа Гаши не ги прекршил ингеренциите.
Опозицијата бара одговори и одговорност, ВМРО-ДПМНЕ молчи
Опозициската СДСМ бара премиерот Христијан Мицкоски да го смени Гаши од претседател на Собранието.
„Го повикуваме обвинителството да покрене постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност. Овој случај не може да се смета за затворен додека сите инволвирани во него не понесат одговорност. Институциите се должни итно да започнат постапки“, порачаа од СДСМ
Оваа партија смета дека за целосно расчистување на скандалот мора да има одговорност за коалицискиот партнер на Мицкоски, Африм Гаши. Полицијата во понеделникот (05.08) информираше дека обезбедувачот „бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание“ и дека „санкциите кон обезбедувачот и другите вработени во МВР, дел од обезбедувањето на Гаши се поради извршување незаконска наредба“.
„Со ова се потврдува одговорноста кај Гаши дури и од страна на МВР. Прашуваме, зошто ништо не е преземено досега? Дали Мицкоски ќе излезе јавно да побара од него одговорност? Дали МВР ќе покрене постапка? Или решија да го пуштат низ вода обезбедувачот, на сметка да го заштитат нарачателот?“, прашуваат од СДСМ.
Од друга страна, пратеничката група на Левица денеска во Парламентот поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието Африм Гаши поради тоа што „воведува непринципиелни политики во Собранието“.
Левица бара интерпелација за седум точки во кои утврдуваат незаконско разботење на Гаши. Образложена е на десет страницим вели претседателот на Левица Димитар Апасиев на прес-конференција и бара претседателот на Собранието, Гаши, да ја стави на дневен ред на седница по летниот одмор.
Првите две точки од интерпелацијата се однесуваат на повреда на секуларноста на државата со групната молитва во Собранието што ја направил Гаши и повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП-личности со инцидентот на Скопскиот аеродром пред пет дена во кој учествуваше шефот на обезбедувањето на Гаши.
Во барањето Гаши да биде отповикан од функцијата, Левица ги наведува и повредата на употребата на македонскиот јазик затоа што Гаши, како што рече Апасиев, „свесно го истиснува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и воведува илегална двојазичност дури и за пратениците кои се Македонци“, потоа повреда на правилата за употреба на државните инсигнии со тоа што во пленарната сала, спротивно на законот.
За Левица Гаши го го повредил и начелото на инкомпатибилност на функциите, односно го повикуваат на политичка одговорност Гаши затоа што не констатирал престанок на мандатот на новоизбраниот пратеник Талат Џафери „кој илегално ги извршуваше функциите премиер и пратеник“.
Шестиот основ е повреда на законските и етичките одредби за антинепотизам со тоа што сопругата на Гаши патувала со него во Вашингтон со што, спотред Левица, е направена и тешка дисциплинска повреда на етичкиот кодекс за пратениците.
Последниот основ за интерпелацијата за Гаши за Левица е повредата на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците и дека не се обезбедени низа деловнички гаранции за нормално функционирање на пратениците.
Во реакциите двете партии од опозицијата го повикуваат премиерот Мицкоски да покрене иницијатива во својата коалиција Гаши да биде сменет, за што најавуваат поддршка во Собранието.
Извор: Рацин.мк