„Културата на исклучување“ важи за една од најкоментираните појави последниве 10 години. Приказните за „одмазда“, или „инквизиција“ на тн. „woke“ идеологија, насочена кон „неподобните“ луѓе, се присутни, иако има и докажано правични „исклучувања“.
„Култура на исклучување“ е повлекување и откажување филмски содржини, ликови, бојкот на глумци, исфрлање контроверзни шеги или однесување коешто може да биде навредливо за некого, или е критикувано како политички некоректен однос. За противниците на „културата на исклучување“, тоа е недозволива цензура на слободата на изразување во филмот, музиката и уметноста.
Сепак, интернет-просторот е полн и со повици за исклучување на некоја славна личност, просто зашто некој не му се допаѓа некому.
Во таа смисла, не се спорни Харви Вајнстин или Џефри Епстин, кои после судските одлуки, мораа да бидат осудени и казнети од општеството, спорно е исклучувањето на оние кои се соочија само со обвиненија. За некои кои беа ослободени од судење – кариерата сѐ уште не се враќа на првичното ниво.
Класичен пример за тоа е случајот со Амбер Хард и Џони Деп кој, како наводен „сопруготепач“, се соочи со низа последици по неговата работа и углед. И, сѐ тоа заврши со судска пресуда во негова корист, и повлекување на Хард од јавноста.
Од друга страна, пак, некои ѕвезди, едноставно, важат за „преголеми“ за да бидат „исклучени“. Том Круз е можеби најдобриот пример за тоа. Со години важи за контроверзен со неговата позиција во Сајентолошката црква или неговото наводно однесување кон Назанин Бонијада, и другите негови наводни девојки. Покрај сѐ тоа, изгледа дека Том Круз е едноставно премногу успешен за да биде забележливо погоден од феноменот на исклучувањето. А, се чини, и навреме заклучил дека изјавите за сајентологијата не му одат во прилог, па со години јавно не зборува за тоа.
Сепак, некои исклучувања имаат многу конкретни последици во реалниот свет.
И Кевин Спејси и Арми Хамер важат за „повратници“, по јавното жигосување. Ниеден од двата случаи не беше докажан на суд.
Но, кариерата на Спејси, да речеме, беше завршена пред судските одлуки, а за тие тешки мигови доволно говори фактот што се согласи на улогата на Фрањо Туѓман во еден европски филм. Случајот на Арми Хамер е далеку поинтересен затоа што тој беше обвинет и за садизам и за канибализам – сѐ тоа проследено со крајно тенденциозен и непрофесионален документарец.
Денес Хамер продава полици на Кајманските Острови. Но, шансите за враќање во неговиот случај, според познавачите, се нешто поголеми, затоа што Спејси беше поврзуван со мажи кои го обвинуваа, а Хамер – со не толку обични, но „егзотични“ наводни сексуални навики.
Во овој поглед, и двајцата се „теоретски неподобни“ за „А-лигата“ во САД. Па, и доколку успеат да се појават во помали, но квалитетни независни филмови, тоа ќе биде повеќе од пристојно враќање на вистинскиот пат.
Што се однесува до комичарите, малкумина беа исклучени. Меѓу нив, Луис Си Кеј, и покрај обвинувања за сексуално вознемирување на свои соработнички, остана на своето ниво, делумно и поради поддршката од своите колеги кои се шегуваа за сериозноста на обвинувањата.
Дејв Чапел, пак, не само што заработи милиони долари и повеќе награди по „вознемирувањето“ кон ЛГБТК-заедницата, туку и Нетфликс застана зад него, велејќи им на незадоволните и критичарите во компанијата „да се помират со Шапел“, и да останат во компанијата или „да си најдат друга работа“.
Џејмс Франко се најде во неволја по пораките кои им ги испраќал на малолетни девојчиња, а вистинските проблеми за него дојдоа откако студентки со кои работел во актерската школа го обвинија дека ја злоуотребил својата положба како предавач – за сексуално злоупотребување. Тој тоа го реши вонсудски и плати нешто повеќе од два милиони долари. Самиот се пензионираше и нема снимено ништо од 2019 година.
Покрај тоа, Сет Роген, со кого Франко соработуваше повеќе од 20 години, јавно се одрече од него и истакна дека веќе нема да работи со него.
Но, Франко сепак планира враќање, бидејќи се говори за осум проекти. Колку тоа ќе биде успешно – ќе покаже времето. Слично, за Вил Смит многумина рекоа дека неговата кариера е завршена откако му удри шлаканица на Крис Рок, кусо пред да добие „Оскар“. Но, единствената казна е забрана за присуство на „Оскарите“.
Американскиот џет-сет неколку пати се обиде „да го исклучи“ и познатиот рапер Кање Вест, но изгледа никому не му успева тоа. Причината, според многумина е тоа што денес тој е „маргинализиран“ во светот на модата.
Но, и во музиката, тој не е во полоша положба отколку што беше пред спорните изјави кои ја брануваа јавноста. Албумот „Vultures“ е неговиот 11-ти последователен албум бр. 1 на топ-листите.
Џина Карано, американска борачка и глумица, трпеше последици заради јавно искажан став. Прво, нејзината агенција ја прекина соработката со неа, а потоа и „Дизни“ ја отпушти од своите проекти. Но, Карано го тужеше „Дизни“, а судот ја одби жалбата на компанијата којашто бараше да се отфрли тужбата… И додека тие тврдат дека била отпуштена поради несоодветни изјави за холокаустот, судијката Шерилин Пис Гарнет смета дека нема докази дека нејзиниот ангажман претставувал закана за вредностите на компанијата.
Карано ја продолжи кариерата во компанијата „Дејли вајр“ што важи за конзервативна, наспроти либералната „Дизни“. Уште на почетокот се говореше дека овој случај е поврзан со „политичко-партиските поделби“ во САД.
Како критичарка на транс-родовата заедница, последниве години се истакнува писателката Џ.К. Роулинг. Според познавачите на оваа проблематика, „циркусот“ почна ненадејно, кога Роулинг, како старомодна феминистка, се обиде да укаже на нешто што таа мисли дека не е во ред околу „транс-родовата идеологија“ на денешницата. Но, тоа, како и скоро сè друго на интернет, многу брзо се претвори во класична „престрелка“ без крај. За овој случај се говори на интернет-емисијата „Лов на вештерки“ (The Witch Trials) на Џ.K. Роулинг.
Последиците… Познатата милијардерка ќе стане уште побогата. Таа веќе заработува од претпродолженијата на „Хари Потер“ – „Фантастични ѕверки“ (Fantastic Beasts), а се работи и на нова ТВ-серија на нејзините книги „Хари Потер“.