Министерствата, органите на државната управа, општините, сите горе долу секојдневно ја информираат јавноста за своите секојдневни активности.
И сето тоа е во ред, затоа што транспарентноста е клучен механизам за добро и одговорно управување со институциите.
Но во „трката“ секојдневно нешто да се објави, се појавуваат и банални случаи.
Токму таков е денешниот случајот со соопштението за јавност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во кое информираат дека се случила средба помеѓу министерот Цветан Трипуновски и никој друг туку неговиот заменик Флакрон Беџети.
Кабинетот на министерот или самиот министер или заменикот или можеби сите заедно одлучиле дека ова е вест од исклучителен јавен интерес, а не редовна работна обврска како и во секое министерство или секоја инситуција или претпријатие каде има директор и заменик директор.
„Тема на денешниот состанок беа тековните работи во Министерството“ се наведува во соопштението од МЗШВ, а за волја на вистината и не беше тешко да се претпостави за што би разговарале некој министер и негов заменик.