Атлетичарот Дарио Ивановски денеска во Париз испиша историја и стана првиот македонски маратонец во историјата на олимписките игри.
Ивановски го освои 69 место, заостанувајќи 21: 49 секунди зад олимпискиот победник, а причината која го спречи да оствари многу подобар пласман е повреда на коленото во воведниот дел од трката.
Ивановски во изјава по завршувањето на маратон изрази благодарност за поддршката, истакнувајќи оти го даде максимумот трчајќи со повредено колено.
„Почитувани Македонци, пред сè сакам да ви се заблагодарам за огромната поддршка која ја имав во текот на овој маратон, но и пред оваа трка. Кога еден маратон ќе се заврши, тогаш се вели дека се завршил успешно. Да му се заблагодарам на Бог што влегов во маратонот жив и здрав, но сепак имав мала повреда на стапалото и коленото која ја влечев од шестиот километар“, рече Ивановски
„Тоа ме оневозможи да го одржам темпото кое го наметнавме на стартот. Од петтиот кон шестиот километар почнав да ја влечам ногата и почнав да се мачам, но тоа е што е. Го дадов максимумот. Сега следи период на закрепнување и фокус кон следните цели. Можеби сите, вклучувајќи ме и мене, имавме поголеми очекувања. Јас верував дека можам подобро и сè уште верувам во тоа. По времето 2:08 кое е мое најдобро и 2:28 денеска ќе се заклучи дека ми се случувало нешто на трката, а можам да кажам дека бев и подобро подготвен според тренинзите кои ги имав пред Париз. Се надевам дека на следната трка и на следните предизвици ќе го видите стариот Дарио, дури и подобар од тоа што бев. Се гледаме во наредни предизвици, ве сакам сите“, порача македонскиот маратонец Ивановски.