Европската унија нема да поддржи нешто во Србија што е спротивно на еколошките стандарди на ЕУ, изјави за ТВ Н1 Петер Стано, портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедност. Стано, сепак, додава дека на српските власти им останува да обезбедат постигнување и почитување на тие стандарди.
„Европската унија не би поддржала нешто во Србија што е спротивно на тие стандарди. Сепак, многу сме свесни за сета нелагодност што се појави кај дел од населението во врска со литиумот, поврзана со проектот Јадар. Мислам дека пораката на потпретседателот Шевчович, кога беше во Србија за да го потпише Меморандумот за разбирање меѓу ЕУ и Србија за стратешкото партнерство за одржливи суровини, беше јасна. Меморандумот за стратешко партнерство се заснова на создавање рамка, поставување стандарди. И нема да се откажеме од стандардите. Затоа, се што се прави во Србија мора да се прави според тие стандарди и со почитување на тие стандарди. Се разбира, не сме вклучени во конкретен проект. Тоа зависи од националните власти. Улогата на националните власти е да се погрижат тие стандарди да се постигнат и почитуваат. И да се води дијалог со засегнатото население, за на сите да им е удобно и да знаат што им носи. Гледаме можност за одржување на стандардите во сето она што моментално се работи. Но, секако, тоа е улогата на владата. Ја гледаме и можноста заедницата да има корист од сето ова во однос на работните места, инвестициите, економскиот раст, а во исто време опкружувањето да се одржува на ниво каде што може дури и да се подобри“.
Во врска со односите Белград – Приштина, Стано вели дека очекувале напредок, но за жал има се повеќе еднострани потези кои повеќето доаѓаат од Приштина.
„Проблемот што се повеќе го гледаме во дијалогот меѓу Белград и Приштина е тоа што постојано сме во кризен режим, во режим на решавање на кризата. И тоа не е добро. Затоа што се надевавме на почетокот на овој мандат, кога го инициравме продолжувањето на дијалогот, дека ќе направиме напредок, дека ќе можеме да им помогнеме на Србија и на Косово да постигнат одреден напредок во нормализацијата. За жал, гледаме се повеќе еднострани потези и некоординирани дејствија. За жал, повеќето од нив доаѓаат од администрацијата во Приштина. Затворањето на осум експозитури на Српска пошта на северот на Косово… претставува прекршување на договорот за дијалог: еднострано, некоординирано, со негативно влијание врз локалното население. Затоа бараме надлежните да ја преиспитаат својата одлука и да се вратат на дијалогот со конструктивни идеи како да се реши проблемот што го имаат. И зборуваат за причините за справување со проблемот со ваквите постапки. Сакаме да видиме ангажман и дијалог наместо еднострани потези“, вели Стано.
За отворањето на мостот на Ибар во северниот дел од Митровица, за што српската заедница вели дека е загрозување на нивната безбедност тој вели:
„Минатата недела, Европската унија, целата Квинта, односно сите пријатели на Косово, САД, клучните европски земји и Европската унија отидоа кај премиерот Курти и му рекоа: „не прави така, не прави еднострани потези, не го отворајте мостот. Но, се чини дека е решен да го направи тоа. Затоа рековме – „не, тоа ќе има многу негативни ефекти“. Бараме од надлежните да спречат и да избегнуваат чекори кои ќе доведат до поголеми конфронтации и ескалација. Затоа што тоа го боли народот на теренот и ве боли и вас, затоа што Косово е под мерки на ЕУ и под некои американски мерки поради постојаното, докажано повлекување на потезите кои водат кон ескалација. Никому не му помага, напротив, многу негативно се одразува на голем број луѓе“.