Олимписките игри во Париз официјално се затворени. Традиционалната церемонија на затворање се одржа на францускиот национален стадион. На церемонијата беа вклучени повеќе од 100 танчери, циркуски уметници и други изведувачи.
Уметничкиот директор Томас Џоли откри дека церемонијата на затворање била замислена како „комбинација на чудо и дистопија“, а како дел од церемонијата, Златниот патник се спуштил на стадионот за да ги води гледачите низ историјата на Олимписките игри, додека акробатите ги обновија и ги подигнаа познатите пет прстени на Игрите.
Свеченото затворање го одбележаа настапите на француските бендови, како и претходно подготвените снимки од настапите на американските ѕвезди кои го најавија одржувањето на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Светски познатиот француски бенд Феникс направи музички спектакл и со своите хитови ја крена публиката на нозе.
На свеченото затворање настапи и францускиот бенд Ер, кој го отвори настапот со хит песната Playground Love.
Американскиот актер Том Круз упадна на стадионот за време на кревањето на американското знаме и интонирањето на американската химна, фрлајќи ја публиката во транс.
Потоа го зеде знамето и со мотор се „упати“ кон Лос Анџелес па скокна од авион и позираше покрај знакот Холивуд во однапред снимена секвенца.
На свеченото затворање настапи и бендот Red Hot Chilli Peppers со песната Can’t Stop и Били Ајлиш.
Прикажан е и настапот на најголемата вирална ѕвезда на овие Игри, раперот Снуп Дог и Др. Дре, кој беше еден од последните носители на олимпискиот факел низ Париз на свеченото отворање.
Инаку, музичарите претходно ги снимаа своите настапи во Лос Анџелес, а беа избрани поради поврзаноста со тој град.
Олимписките игри во Париз беа затворени со песната My Way.