Поинтензивна институционална соработка во креирање побезбедни и посигурни патишта

Во насока на поголема безбедност во сообраќајот и поефикасно безбедносно одржување на магистралните и регионалните патишта денеска (16.08.) во Скопје директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев учествуваше на работен состанок со претставници од Министерството за внатрешни работи, директорот на ЈПДП, Коце Трајановски како и претставници на ЈПДП, Државниот инспекторатот за транспорт, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта.

Во рамки на тематски обемната средба директорот Јанев потенцираше дека  се детектирани одредени пропусти и проблеми во однос на безбедноста на патиштата кои најмногу се однесуваат на времениот режим, којшто понекогаш трае предолго, на времената сообраќајна сигнализација и слично, така што во интерес на поефикасно решавање на таквите проблеми сугерираше дека би било пожелно ЈПДП на месечно ниво да организира средби од ваков тип заради размена на информации, правовремено детектирање на проблемите и секако нивно анулирање. Според директорот Јанев – во ек на летната туристичка сезона недопустливо е одредени патни правци, посебно оние што водат до познати туристички центри да се воведува времен режим и пренасочување на сообраќајот, со што се доведува во опасност безбедноста на патниците. Исто така, според Јанев недопустливо е заради лоши патишта, лоша сигнализација и слични нерешени проблеми странците да го избегнуваат Коридорот 10 и да одбираат рути со кои се избегнува транзитирањето низ нашата држава. „Затоа е неопходно од сите да се демонстрира поголема дисциплина и посветеност со цел поголема безбедност на патиштата”, истакна првиот човек на БЈБ.   

На состанокот и претставниците на другите институции, секој од аспект на своите надлежности, посочија низа горливи прашања почнувајќи од проблемите со заштитните мрежи, непостоењето на патен катастар, потоа досегашното од страна на ЈПДП детектирано непостоење на Стратегија за развој на патиштата и несоодветното финансирање и распределба на средства за одржување, развој и изградба на патишта, односно сообраќајната инфраструктура, како и околу т.н. неплаќачи на патарина кои не само што го оштетуваат буџетот, бидејќи се работи за бројка од околу 500 илјади ненаплатени сметки, туку влијаат и на безбедноста на протокот на сообраќај кај наплатните станици.

Треба да знаете
Последни објави