При напад на израелските доселеници во селото Џит, Западен Брег загина еден човек, а друг е тешко повреден. Исто така запалени се десетина автомобили и куќи, соопштија локалните власти.
Израелската армија соопшти дека интервенирале полициски и воени единици и уапсиле еден Израелец. Израелските власти, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, претседателот Исак Херцог и лидерот на опозицијата Јаир Лапид, го осудија нападот на доселениците врз Палестинците.
Палестинците постојано ги обвинуваат израелските безбедносни сили дека им дозволуваат на израелските доселеници да ги напаѓаат палестинските домови и села, а САД и бројни европски земји воведоа санкции за насилните доселеници и постојано го повикаа Израел да ги спречи нападите.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, на окупираниот Западен Брег израелските војници и доселеници убија најмалку 620 луѓе, а неколку стотици Палестинци се водат како исчезнати.