Во најавите на владата на премиерот Христијан Мицкоски за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, не гледам искрена намера за реформа туку за кроење на судството по потребите на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е една од темите на која зборува претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот Фокус.
„Ставот на СДСМ е дека каква било реформа во правосудството мора да биде мониторирана и одобрена од меѓународната заедница. Апсолутно не веруваме, а на тоа нè учи историјата, дека ВМРО-ДПМНЕ има искрени намери да го реформира судството, напротив, сакаат да го скројат согласно своите потреби“, вели Филипче во интервјуто.
Неискрениот однос на ВМРО-ДПМНЕ го препознаваат и граѓаните, смета Филипче и додава дека пред јавноста се зборува едно, а зад врати се прави друго. Доказ за тоа е разногласието околу темата за распуштање на советите, смета Филипче.
„Само што стигна информација дека Владата писмено се согласила да не ги распушта Советите на обвинители и судии како дел од реформската агенда, веднаш потоа ВМРО-ДПМНЕ излезе на прес конференција и рече дека не се откажуваат од таа намера“, појаснува Филипче.
Голем дел од реформската агенда која ја определува ЕУ е веќе воспоставена од Владата на СДСМ и според Филипче, таа не е променета и сега. Затоа, Филипче не разбира зошто владејачката партија има потреба да ги лаже граѓаните.
„На никој не му е јасно зошто е потребно да се лажат граѓаните и да се создава конфузија. Инаку, за темата распуштање на советите уште кога беше на власт СДСМ, имаше јасна порака од меѓународната заедница дека таквиот чекор е неприфатлив и дека постои огромен ризик од политичко влијание“, вели Филипче.