Само неколку часа откако Сашко Лафчиски и официјално стана началник на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, Алијанса за Албанците го проблематизира неговиот избор велејќи дека тој неправедно го зазел местото што му припаѓа на Албанец.
„Парадоксите во оваа наша држава наречена Северна Македонија стануваат нормални, особено кога мнозинската заедница треба да го направи својот избор. Сашко Лафчиски од бригаден генерал се издигна во чин генерал-мајор и беше назначен за шеф на Генералштабот на Армијата од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, што предизвика многу реакции во јавноста, особено во армијата. Но, ова брзо поминува бидејќи тој го зазема местото на еден Албанец, на кое според професионалните заслуги и законските услови требаше да биде генерал Бесник Емини. Лафчиски не ги исполнува потребните услови за оваа позиција, односно е четири нивоа под стандардите кои се бараат за шеф на Генералштабот“, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците потпишано потпретседателот на партијата, Кренар Лога.кПонатаму во дописот, Лога сам одговара.
Еден од главните услови што Лафчиски не ги исполнува е возраста и стажот. Се бара шефот на Генералштабот да има најмалку 6 месеци искуство како командант на Оперативната команда, а законската регулатива обврзува на чело на Генералштабот да се назначува само оној кој барем 6 месеци бил на чело на Оперативната команда. Над сè, како бригаден генерал, Лафчиски нема 4 години искуство како што бара законот за да може да биде именуван за генерал-мајор, што автоматски значи шеф на Генералштабот. На Лафчиски му е даден овој чин еден ден пред тој да биде декретиран од претседателката за шеф на Генералштабот. Неговото досие како воен службеник, доверливоста и угледот во армијата оставаат да се посака многу, во неофицијални околности се дознава дека досега не бил опремен ниту со потребниот НАТО сертификат“,пишува Лога.
Денеска во Охрид, на одбележувањето на 32 годишнината на Армијата, Лафчиски ја презеде функцијата од претходникот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Претседателката Сиљановска Давкова и новиот началник на ГШ, генерал-мајор Лафчиски
Претседателката и врховен командант, Гордана Сиљановска-Давкова, пред два дена го потпиша указот за унапредување на Лафчиски во генерал-мајор и указот за негово поставување за началник на Генералштабот. Тој на оваа функција доаѓа од позицијата командант на Првата пешадиска бригада.
Бесник Емини, кого Лога го спомнува во својот допис, е бригаден генерал кој веќе 3 години е на чело на Командата за операции на АРСМ.