Ништо не сум погрешила за да се повлечам. Од тие кои што не гласаат во Советот треба да побарате оставка. Граѓаните мене ме изгласале да го водам Скопје и ги изгласале овие 45 советници кои што за 500 евра треба да се појават еднаш и да гласаат. Доколку треба да ги молам да го направат тоа, ете сум ги замолила, не еднаш туку повеќе пати. Тие секој месец се замолувани но нема од нив никаква реакција, посочи градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.
Таа вечерва во гостувањето на телевизија Сител напомена дека имаат програма за животна средина, програма за дополнителни активности, и тие треба да се изгласаат како одлука на крајот на годината заедно со буџетот, за да може од јануари да почне да се спроведува. Но, потенцираше, половина година помина.
-Половина година помина. Овие работи треба да се донесат на почетокот на годината сите заедно, за да немаме проблеми. Вие кога ќе почнете да каскате зад сето она кое што треба да се реализира во текот на годината, почнувајќи од јануари и еве речиси и септември и се уште не се ниту донесени, прашањето е кога ќе почнете да ги реализирате, кога ќе почне да се работи? Проблемот е многу сериозен и многу суштински. Тој лежи во нечија политичка волја, а не лежи во тоа дали кога и како, вели Арсовска.
Таа додаде дека службите во Градот Скопје, поточно над 500 вработени, ја сработиле својата работа и го доставиле сето она кое што се доставува до Советот за да се гласа.