Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет во врска со назначувањето на новиот началник на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија.
„Имаме отворено предмет и тој е распореден кај член. Стигната е претставка и отпочната е постапка за обезбедување документи за проверка на наводите“ни изјави Димитровск.
Имено, само неколку часа откако пред три дена Сашко Лафчиски и официјално стана началник на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, Алијанса за Албанците го проблематизираше неговиот избор велејќи дека тој неправедно и незаконски го зазел местото што му припаѓало на Албанец.
Според потпретседателот на партијата Кренар Лога, Лафчиски не ги исполнува потребните услови за оваа позиција, односно бил четири нивоа под стандардите кои се бараат за шеф на Генералштабот.
„Еден од главните услови што Лафчиски не ги исполнува е возраста и стажот. Се бара шефот на Генералштабот да има најмалку 6 месеци искуство како командант на Оперативната Команда, а законската регулатива обврзува на чело на Генералштабот да се назначува само оној кој барем 6 месеци бил на чело на Оперативната Команда. Над сè, како бригаден генерал, Лафчиски нема четири години искуство како што бара законот за да може да биде именуван за генерал-мајор, што автоматски значи шеф на Генералштабот. На Лафчиски му е даден овој чин еден ден пред тој да биде декретиран од претседателката за шеф на Генералштабот. Неговото досие како воен службеник, доверливоста и угледот во армијата оставаат да се посака многу, во неофицијални околности се дознава дека досега не бил опремен ниту со потребниот НАТО сертификат“,информираше Лога.