„Власта на ВМРО-ДПМНЕ е фатена жива во мега скандал со злоупотреба на државната граница, државните институции и серија прекршувања на законите. Се докажа дека не станува збор за бегство на Блерим Рамадани, туку организирано ослободување и пренесување на Косово од страна на високи функционери на МВР и други институции“, изјави денес Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа порача дека ОЈО не смее да молчи и мора итно да соопшти дека започнува истрага.
„Доколку ОЈО ова не го направи во најкус рок, ќе сметаме дека застанува на страна на МВР и го прикрива овој скандал. Што чека ОЈО, треба веднаш да реагира и за тоа да ја информира јавноста. Прашуваме, дали се штитат нарачателите на оваа партиско-полициска операција? Христијан Мицкоски вчера во скандалозна изјава, наместо да побара одговорност и внатрешна истрага за случајот, тој тврдеше дека СДСМ шири лаги. Го прашуваме, како Мицкоски без истрага и без ниедна информација од МВР за тоа како избегал Рамадани, тврди дека СДСМ лаже? Ова не значи ништо друго освен негов очаен обид да го забошоти случајот. Сите индиции укажуваат дека реализацијата на оваа партиско полициска шема за пуштање на Рамадани на Косово е политички договор кој Мицкоски морал да го исполни“, вели Кузеска.
Портпаролката на СДСМ порачува дека доколку не се спроведе целосна, темелна и независна истрага, ќе биде јасно дека и власта и обвинителството решите да го штитат МВР и Тошковски од одговорност, да ги штитат сите останати инволвирани во овој случај, сосе нарачателите и наредбодавачите.
„Министерот Тошковски треба да поднесе оставка и да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово, почнувајќи од Наим Рамука. Само така ќе има услови за независна истрага без притисоци. Бараме декласификација и објавување на снимките од граничниот премин Блаце веднаш. Нека видат граѓаните која е вистината, кој е шериф на границата. ОЈО и истражните органи, многу лесно може да ги проверат преку камерите и преку граничниот систем за контрола на патници“, порачува Кузеска.