Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска најави дека Министерството за внатрешни работи (МВР) отвора посебна оперативна акција која ќе биде фокусирана на зголемување на безбедноста во Градот Скопје. Оваа акција, како што објасни Тошковски, ќе подразбира значително зголемено присуство на полицијата на терен со цел да се врати и да се одржува безбедноста на ниво какво што треба да биде.
Тошковски потенцираше дека МВР објавува „војна“ на криминалците и на оние кои се огрешиле пред законот, истакнувајќи дека криминалните активности кои биле дозволени во времето на претходната влада нема да продолжат под актуелното раководство. „Од денеска официјално објавуваме војна на багабонтите и криминалците кои од страна на претходната власта им било дозволено толку многу да хараат како во Скопје, така и на целата територија на Македонија, затоа што мислат дека и сега истото ќе го прават,“ изјави министерот, реагирајќи на прашањето за тоа како е можно 200 затвореници да избегаат од затворите „Шутка“ и „Идризово“ во Скопје во 2023 година.
Министерот оцени дека државата е во катастрофална состојба, со систем кој е „уништен“, но најави дека нема да има повеќе привилегирани. Тој посочи дека секој кој се огрешил пред законот, без разлика дали станува збор за полициски службеници, државни функционери или други лица, ќе мора да одговара за своите постапки. „Секој еден што се огрешил и се посрамотил пред својот народ, а притоа злоупотребил овластување, особено ако станува збор за полициски службеници, државни функционери итн…. ќе одговара пред законот,“ беше дециден Тошковски.
На прашањето за бегството на косовскиот државјанин Блерим Рамадани, кој бил во куќен притвор и првпат во историјата на Македонија на странец му е изречен куќен притвор за екстрадициона постапка, Тошковски одговори дека за ова лице веќе бил изречен ефективен притвор. Министерот го повика Јавното обвинителство да постапи брзо и ефикасно, со цел случајот да биде расветлен во најкраток рок. Според него, МВР веќе ги има обезбедено сите потребни докази врз основа на кои ќе може да се утврди вистината, и истите ќе бидат доставени до надлежниот јавен обвинител.
Во однос на најавените истраги што ќе следуваат од есен, Тошковски истакна дека истраги веќе се спроведуваат и дека ќе продолжат и во иднина, но подвлече дека најважно е колку професионално ќе бидат изведени и каков ефект ќе имаат. „Јас не се сеќавам во изминатите 20 – тина години од историја на Македонија, да одговарал врховен судија, не се сеќавам да одговарал член на Совет на јавни обвинители и притоа да признаат дека на сметка на македонските граѓани се товарале финансиски во изминатиот период и ги злоупотребувале сите доверби дадени институционално,“ изјави министерот, додавајќи дека МВР ќе продолжи со докази и факти, и со конкретни дејствија, да работи во интерес на граѓаните.
Во контекст на полициската акција во тетовско Гајре, министерот Тошковски изрази благодарност до сите професионалци и полициски службеници кои учествувале во акцијата, кога беше застрелан осомничен за убиство, кој бил баран по потерница и бегалец од психијатријата „Бардовци“. Според министерот, полицијата имала јасни индиции за какво лице станува збор и било очекувано дека ќе одговори со сила, поради што била активирана и специјалната единица „Тигар“, која делувала професионално и успешно.
За убиството кое се случи во близина на трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, Тошковски истакна дека полицијата реагирала брзо и ефикасно, и за помалку од два часа, сторителот на убиството бил идентификуван, лоциран и фатен. При неговото апсење, осомничениот пукал на полицајците, но бил совладан и уапсен. Министерот додаде дека МВР ги објавило иницијалите само за лицето за кое имало основани сомненија дека го сторило делото, додека другото лице кое било приведено било ослободено откако се утврдило дека не е поврзано со настанот.