Денот на независноста на Украина одбележан во Скопје

Амбасадата на Република Украина денеска со пригодна свеченост близу споменикот на Тарас Шевченко во центарот на Скопје го одбележи 24 Август – Денот на независноста на државата.

По симболичната поворка со знамето на Украина до Украинската алеја, обраќање имаше вршителот на должност амбасадор на Украина во државава Дмитро Керечанин.

– Денес го одбележуваме најважниот празник на Украина и Украинците – Денот на независноста на Украина. Благодарение на сите Вас, денес не сме сами, туку го славиме нашиот празник заедно со пријателите. Нашата држава исто така денес не е оставена сама. Украина е опкружена и поддржана во борбата против рускиот агресор од десетици земји ширум светот. Меѓу нив е и Северна Македонија. Благодарни сме им на сите партнери на Украина, сите без исклучок, за помошта што ни овозможува да преживееме во ова тешко време, рече Керечанин.

Украинскиот народ, посочи, во текот на својата историја бил принуден постојано да се бори за слобода и независност, а 21 век не е исклучок за тоа.

– Дваесет и првиот век не е исклучок во оваа смисла. Украина сè  уште се бори за своето право да постои. Денес, нашата слобода и независност им ја должиме на нашите херои, од кои многумина загинаа на бојното поле за украинската државност, за нашата безбедност и нашите животи, дополни тој.

Посака овој ден биде исполнет со гордост, чувство на единство и патриотизам.

Нека нашата држава напредува, а нашиот народ нека живее во мир и хармонија. Нашите срца нека се исполнети со гордост за нашата Украина, за нашиот јазик, култура и традиции, за нашите бранители и бранителки. Секој ден нека ни носи нови достигнувања, развој и среќни моменти. Денес заедно да ја прославиме нашата независност, сплотени во единствена љубов кон нашата Татковина. Нека нашата заедничка иднина биде светла, просперитетна и полна со радост. На сите ни посакувам што е можно поскора Победа над непријателот, воспоставување на праведен мир во Украина и благосостојба за секое украинско семејство, посочи  вршителот на должност амбасадор на Украина во државава Дмитро Керечанин.

Треба да знаете
Последни објави