Ниту една македонска високообразовна установа и оваа година не се најде на Академското рангирање на светските универзитети за 2024 година, позната како „Шангајска листа“.
На врвот на листата се наоѓаат универзитетите „Харвард“, „Стенфорд“, „МИТ“, „Кембриџ“ и „Беркли“.
Од регионот, Белградскиот универзитет се најде на позиција помеѓу 401-500 место, односно бележи пад од минатата година кога беше рангиран помеѓу 301-400 место. Во меѓувреме, Универзитетот во Нови Сад се задржа на позиција помеѓу 901 и 1.000 место.
На листата, на позиција помеѓу 401-500 место се најде Универзитетот во Загреб и Универзитетот во Љубљана на 501-600 место. Истовремено, на листата оваа година се најдоа шест грчки универзитети. Освен македонски, на Шангајската листа нема ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија.
Шангајската листа се објавува од јуни 2003 година. Повеќе од 2.500 универзитети се вклучени во Академското рангирање на универзитетите во светот секоја година, а се објавуваат најдобрите 1.000.